Европските компании откажуваат летови, британски EasyJet дури 1.700: „Моравме поради проблеми“

84

Британската авиокомпанија EasyJet денеска објави дека откажала два отсто од своите летни летови поради загриженост за функционирањето на воздушниот сообраќај за време на сезоната на летните одмори и патувања. Оваа одлука ќе влијае на 180.000 патници, пренесува Ројтерс.

EasyJet објави дека има доволно пилоти и екипаж, но дека поради проблеми во авиосообраќајот била принудена да откаже 1.700 летови, од вкупно 90.000 летови, кои беа закажани за остатокот од јули и август. Авиокомпанијата главно ќе ги откажува летовите од својата најголема база на аеродромот во Лондон Гетвик. Во соопштението се додава дека 95 отсто од погодените патници веќе се префрлени на алтернативни летови.

easyJet, најголемата британска авиокомпанија според бројот на патници, додаде дека овие промени се неопходни за да се избегнат откажувања на летови во последен момент што би биле поскапи и ќе предизвикаат поголема непријатност за патниците. Европскиот воздушен простор е намален поради војната во Украина, а посебен проблем се кадровските промени и недостигот на персонал во некои области од воздушниот сообраќај како што е контролата на летање, додава британската агенција.