Европските трговци складираат гас во Украина и покрај ризикот

Европските трговци со гас почнаа да складираат гас во Украина за да ги искористат пониските цени и достапниот капацитет таму, без оглед на опасностите од војна, изјавија тројца трговци и претставници на компанијата.
По руската инвазија на Украина која започна во февруари минатата година, Европската унија побара од членките да задржат високо ниво на капацитет за складирање на гас за да се компензира за намалените руски резерви, особено во зимските месеци кога побарувачката е најголема.

Се очекува до 1 ноември ЕУ да ја постигне целта за 90 проценти зафатеност на складиштата.

Трговците велат дека постои комерцијална логика за складирање на гас во Украина, освен на тло на ЕУ, за да се искористат пониските цени.

Чешката групација ЕПХ објави дека одлуката за користење на украинските магацини ја потврдува довербата во таа земја.

– EP Commodities транспортира природен гас во Украина и користи украински складишта за гас. Ние веруваме во доверливоста на украинските системи за транспорт и складирање на гас, кои се покажаа како сигурни дури и во таква екстремно тешка воена ситуација, рече директорот на ЕПЗ, Мирослав Хаско, но не го откри обемот на складирање.

Според платформата GIE, капацитетите за складирање на гас во земјите на ЕУ биле полни 87 отсто на 7 август.

– Забележливо е позитивен тренд во вбризгување на гас од странски трговци во нашите капацитети, велат од украинскиот Укртрансгас, дел од групацијата Нафтогас.

Нафотгаз објави дека странските купувачи можат да користат повеќе од 10 милијарди кубни метри простор за складирање од вкупно околу 30 милијарди кубни метри во земјата, најмногу во западна Украина и далеку од првите линии на фронтот.

Словачката државна СПП, која снабдува голем дел од словачкиот пазар, делумно и со руски гас, соопшти дека ја разгледува можноста за користење на украинските магацини бидејќи зафатеноста на словачките складишта е веќе 90 отсто.