Еврото го задржа статусот на втора најважна светска валута во 2022 година

Еврото го задржа статусот на втора најважна светска валута во 2022 година, веднаш зад американскиот долар, објави Европската централна банка (ЕЦБ).

Европската валута успеа да ја одржи стабилноста и покрај, како што се вели, серија шокови, вклучувајќи ја високата инфлација и руската инвазија на Украина.

Во 2022 година учеството на еврото во официјалните девизни резерви ширум светот, приспособено според девизните курсеви, се зголеми за половина процентен поен – на 20,5 отсто, додека доларот беше убедливо најзастапен со учество од 59 отсто.

Резервната валута е онаа што често се користи во светската трговија, па затоа ја чуваат во резерви централните банки на другите земји.

„Еврото беше отпорно во својата меѓународна улога и во 2022 година, и покрај серијата нови шокови“, рече Кристин Лагард, претседател на ЕЦБ.

Сепак, таа предупредува дека статусот на меѓународна валута не треба да се зема здраво за готово.

Во новото опкружување, европските претставници имаат уште поголема одговорност да создадат услови за просперитет на еврото“, рече Лагард.