Еврото денеска падна на најниско ниво од 2017 година, пред сè поради загриженоста на пазарот за изгледите за глобалниот економски раст и зголемената инфлација.
Во април американскиот долар порасна за повеќе од 4 отсто во однос на еврото и е на добар пат да го постигне највисокиот месечен раст од јануари 2015 година.
На зајакнувањето на доларот влијаеја очекувањата дека американската централна банка ќе ги зголеми каматните стапки во наредниот период и дека американската економија ќе биде во подобра позиција во однос на еврозоната.
Курсот на еврото во денешното тргување падна под 1,06 американски долари, што е дополнителен пад од 0,5 отсто.
Секако, на слабеењето на еврото влијаеше и војната во Украина и зголемените очекувања дека еврозоната оваа година би можела да влезе во рецесија.