Еврото на највисоко ниво во однос на доларот од август

108

Доларот денес е на надолна патека, продолжувајќи ги загубите од четвртокот, кога го забележа својот најголем еднодневен пад во последните седум години, откако податоците покажаа забавена инфлација во САД во октомври, намалувајќи ја веројатноста дека Федералните резерви ќе продолжат агресивно да ги зголемуваат клучните каматни стапки.

Според вчерашните официјални податоци, потрошувачката инфлација во САД во октомври изнесувала 7,7 отсто на годишна основа, што е нејзин најбавен раст од јануари и помалку од пазарните прогнози дека ќе изнесува 8,0 отсто.

Во четвртокот, доларот го забележа најголемиот еднодневен пад од крајот на 2015 година, повлечен од намалувањето на приносите на американските државни обврзници, додека другите валути – јен, фунта, евро пораснаа.

Еврото продолжи со растот од претходниот ден, кога порасна за 2,0 отсто во однос на доларот, а денеска доби нови 0,3 отсто, на 1,0245 долари, што е највисоко ниво од август.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата на главните ривали, потона за речиси 0,5 отсто, додека вредноста на ризичните средства, вклучувајќи акции, валути на пазарите во развој и стоки, порасна. Забавувањето на американската инфлација, иако позитивно за позајмувачите, го одразува опкружувањето на економското забавување на САД, според аналитичарите.

Доларот порасна за 12 отсто оваа година во однос на кошницата на ривалски валути, во светло на решителната акција на ФЕД да ја врати инфлацијата на целното ниво од 2,0 отсто, која достигна речиси двоцифрена бројка на почетокот на оваа година.

Другите централни банки го следеа водството на ФЕД, со исклучок на Банката на Јапонија, што резултираше со најголем пад на јенот во однос на доларот од 1979 година.

Доларот, кој оваа година порасна за 22 отсто во однос на јенот, најмногу од 1979 година кога порасна за 24 отсто, денеска падна за 0,3 отсто во однос на јапонската валута на 140,60 јени.

Апетитот на инвеститорите за инвестирање во ризични средства е дополнително поттикнат со одлуката на кинеските здравствени власти да ублажат некои од строгите ограничувања за коронавирусот во земјата, вклучително и скратување на периодот на карантин за пациентите со корона и за патниците кои пристигнуваат во Кина.

Тоа му помогна на јуанот да скокне за дури 1,3 отсто денес на 7,0592 јуани за долар, што е највисоко ниво за повеќе од еден месец.

Британската фунта намали дел од загубите во текот на ноќта во однос на доларот, откако податоците покажаа дека економската контракција во третиот квартал е помала од очекуваното, иако земјата е на работ да влезе во рецесија која се очекува да биде продолжена.

Фунтата порасна за 0,1 отсто на 1,1718 долари, додека во однос на еврото падна за 0,4 отсто на 87,40 пени.

Криптовалутите се под силен притисок поради тековните превирања по колапсот на берзата FTX. Основниот токен на размената, FTT, падна за 9,0 отсто на 3.366 долари, губејќи речиси 90 отсто од својата вредност од почетокот на овој месец.

Биткоинот денеска падна за 1,2 отсто на 17.245долари. Најстарата криптовалута во светот падна под 16.000 долари претходно оваа недела, за прв пат од крајот на 2020 година.