
Се покажа дека американскиот долар, швајцарскиот франк и јапонскиот јен, за кои има јасни докази дури и во поновата историја, се валути во кои инвеститорите бараа безбедно засолниште за време на кризи, но актуелните настани околу глобалната трговска војна и политиките на американскиот претседател Доналд Трамп почнуваат да ја загрозуваат перцепцијата за безбедноста на доларот и отвораат простор еврото да биде сè побезбедна опција за инвеститорите да се наметнува како опција.
Иднината на еврото како рај за инвеститорите во кризни ситуации изгледа ветувачка, но за да се продолжи во таа насока ќе биде потребно нешто повеќе од фискални стимулации, според главниот економист за Европа, Блискиот Исток и Африка во S&P Global Ratings, Силвен Бројер.
Иако статусот на безбедна валута не секогаш носи со себе позитивни економски ефекти бидејќи, на пример, зајакнувањето на валутата го прави извозот помалку конкурентен, улогата на безбедно засолниште може да го зајакне значењето на еврото во светската економија.
Американскиот долар е сè уште доминантен како официјална глобална резервна валута со учество од дури 58 отсто наспроти 20 отсто на еврото. Прашањето е дали тој процент може да се зголеми за еврото и да остане одржливo.
Бројер смета дека тоа е можно, но не е загарантирано.
Од перспектива на девизниот курс, еврото би можело да зајакне до ниво што се смета за реална врска во однос на доларот, што е 1,15 долари за евро. Одржувањето на тоа ниво зависи од способноста на европската економија да го пренасочи моделот на раст повеќе кон домашната побарувачка и да го намали трговскиот суфицит.
Европската економија во голема мера зависи од глобалната трговија. Ако американскиот пазар е навистина затворен за увоз од остатокот од светот, ЕУ се соочува со можна посилна кинеска конкуренција на нејзиниот пазар.
Во однос на ЕУ, Кина има компаративни предности како што се обемот на производството, трошоците за енергија и регулаторната рамка за технологија и бизнис. Затоа, ризикот кинеските производи да ја преплават Европа доколку не можат да одат во САД не е занемарлив.
За да одговори на овој предизвик без да се откаже од идејата за слободна трговија, ЕУ мора значително да ја поттикне домашната економија.
Овој процес започна главно со германскиот пакет фискални стимулации што може да има силен ефект и врз другите членки на ЕУ. Дополнително, зголемените трошоци за одбрана треба да го зголемат и економскиот раст.
S&P Global Ratings проценува дека германските фискални стимулации и трошоците за одбрана би можеле да придонесат четвртина процентен поен во бруто домашниот производ на Европа во 2026 година и дури половина процентен поен во 2027 и 2028 година. Во област каде што долгорочниот тренд на раст е околу 1,2 отсто годишно, таквиот придонес не треба лесно да се отфрли.
Ваквите постепени промени се позитивни и можат да придонесат за градење статус на безбедно засолниште, но потпирањето на буџетските стимулации може да биде недоволно со оглед на тоа што фискалниот простор е ограничен со европските буџетски правила и големината на самиот буџет, пренесува Euronews.
За успешно зајакнување на економијата преку поголема домашна побарувачка и без прекумерно оптоварување на јавниот долг, ЕУ би морала повеќе да работи на вештини и заштеди, што значи сеопфатни реформи кои би вклучиле отстранување на внатрешните трговски бариери.
Неодамнешната анализа на Меѓународниот монетарен фонд сугерира дека намалувањето на внатрешните трговски бариери на нивоа слични на оние меѓу американските држави може да го зголеми европскиот БДП по глава на жител за седум процентни поени. Добивката е двојно поголема од вредноста на европскиот извоз во САД.
Треба да се спроведе и штедно-инвестициски сојуз. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека повисока пазарна капитализација значително би го зголемила БДП по глава на жител.
Подобрувањата во таргетирањето на заштедите ќе доведат до финансирање на повеќе иновации и ќе и помогнат на ЕУ да ја врати својата технолошка сила.
Фото: Pixabay