
И покрај предизвиците, еврото успеа да ја зачува својата глобална улога и во 2024 година остана втора најважна валута во светот, објави Европската централна банка (ЕЦБ).
Според различни индикатори за употребата на меѓународните валути во светот, учеството на еврото остана непроменето на околу 19 проценти. Во официјалните девизни резерви на централните банки ширум светот, заедничката европска валута, без оглед на движењата на девизниот курс, сочинуваше 20 проценти, објавува Бета.
Уделот од 20 проценти во девизните резерви остана непроменет од почетокот на рускиот напад врз Украина, според годишната анализа за меѓународната улога на еврото, објавена од ЕЦБ на 11 јуни.
Во анализата се проценува дека стабилноста на еврото е вредна за споменување во годината во која Европската монетарна банка почна да ја намалува референтната каматна стапка, поради понатамошниот пад на стапката на инфлација и континуираните геополитички тензии.
Се проценува дека рационалните политики во Еврозоната и силните институции засновани на закон придонесоа за глобалната привлечност на еврото. „Спроведувањето на владеењето на правото останува клучно за зачувување и зајакнување на глобалната доверба во еврото“, рече претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Сепак, во анализата се проценува дека, и покрај постојните податоци, треба да се остане претпазлив бидејќи централните банки ширум светот купуваат злато за резерви со рекордна брзина, а некои земји активно анализираат алтернативни методи на меѓународни платежни трансакции.
Исто така, постои забележлива врска помеѓу промената на улогата на валутите во глобалните платежни трансакции и новите геополитички сојузи, особено по избувнувањето на војната во Украина.
Анализата покажува дека се појавиле некои нови предизвици за еврото, вклучувајќи иницијативи што промовираат меѓународни плаќања во криптовалути.
Затоа, ЕЦБ ја нагласува потребата креаторите на политиките на ЕУ да создадат потребни услови што ќе ја зајакнат глобалната улога на еврото, меѓу кои би било зајакнувањето на унијата за штедење и инвестиции, што би придонело за ликвидноста на европските финансиски пазари и воведувањето на дигиталното евро како конкурентен и отпорен европски систем за плаќање.
Според медиумите, американскиот долар остана валутата што беше убедливо најкористена во светот минатата година, но неговиот удел во глобалните девизни резерви се намали за два процентни поени на 57,8 проценти.
Сепак, експертите проценуваат дека непредвидливата царинска и трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп и високиот јавен долг на САД сè повеќе го доведуваат во прашање статусот на доларот како стабилна валута во светот.
Фото: Pixabay











