Еврото зајакна во однос на доларот

Вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна минатата недела, втор пат по ред, при што еврото дополнително зајакна во однос на доларот бидејќи зголемената јавна потрошувачка во Германија може да го забрза економскиот раст.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, минатата недела се лизна за 0,15 отсто, на 103,75 поени. Курсот на еврото во однос на доларот се зголеми за 0,45 отсто, на 1,0879 долари.

Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонската, за 0,4 отсто, достигнувајќи 148,60 јени. Падот на индексот на доларот втора недела по ред е резултат на тарифната војна меѓу САД и нивните најголеми трговски партнери, што може да доведе до слабеење на најголемата светска економија и пораст на инфлацијата.

Покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп планира нагло да ги намали федералните трошоци, што исто така може да ја забави економијата.

„Падот на доларот во однос на еврото е резултат на тарифната војна, која предизвика многу нестабилност, како и крајот на режимот на фискални стимулации, бидејќи администрацијата на Трамп се обидува да ја намали јавната потрошувачка“, објаснува Бред Бехтел, директор во Jefferies.