Руската трговска компанија МЕRЕ влегува во Србија и планира да стане еден од најголемите трговски ланци во српската малопродажба, пишува Retail Serbia.
MERE е подружница на руската групација Torgservis, основана во 2009 година, која во моментов работи на повеќе од 800 локации низ цела Русија под брендот Svetofor и е трет по големина синџир зад трговските компании X5 и Magnit.
“Досега отворивме 1.500 дисконти и работиме во 10 држави. Дојде време да го прошириме бизнисот на српскиот пазар со најмалку 100 дисконти и просечна површина од околу 1.000 квадратни метри. Планираме да работиме директно со производители, под строга контрола на квалитетот и цени пониски за 20 % од просечните. Клиенти на маркетите на МЕRЕ се луѓе кои се грижат за своите пари и време, со просечни и пониски приходи“, соопштија од филијалата на руската компанија во Србија.
Со влегувањето на германскиот пазар, МЕRЕ беше принудена привремено да ги затвори своите продавници заради големата побарувачка и недостигот на стоки во залиха. Во регионот, компанијата има маркети во Романија, а понудата на рускиот дисконт вклучува и некои српски производи.
Покрај Србија, компанијата планира да го прошири својот бизнис на грчкиот пазар. Продавниците на MERE зафаќаат површина од 800 до 1.200 квадратни метри и нудат од 1.500 до 2000 различни артикли.
Фото: Freepik