Евтината тарифа останува, сметките за струја незначително ќе се намалат

30

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која сметките за електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ незначително ќе се намалат, со примена на измените на Законот со кои ДДВ за електрична енергија ќе се намали од 18% на 5%. На одржаната главна седница регулаторите одобрија регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје.

“Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ – то за електрична енергија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Со донесената одлука се гарантира сигурност и стабилност во испораката на електрична енергија. Од побараните 50 денари на 1.000 денари сметка за електрична енергија од страна на сите енергетски компании што се регулирани, одобрени се шест денари. На останатите елементи во крајната цена РКЕ нема влијание, а тоа се: увозот на струјата кој во првите шест месеци изнесуваше 32 милиони евра, маржата на ЕВН Хоме, трошокот за обновливи извори кој е зголемен за 1,5 милиони евра, цената на ЕСМ која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5%.

“Намалувањето на ДДВ-то е добро решение, но неопходeн е системски одговор – да се прошири опфатот на ранливи категории кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија“, изјави Бислимоски.

Фото: Pixabay