Евтината тарифа останува за граѓаните

44

struja

Фото: Pexels

Министерството за економија информира дека со новото законско решение нема да се укине евтината тарифа, туку е гарантирана како минимум услов во процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија, а формата ќе зависи од понудата на снабдувачот кој граѓаните ќе го изберат на слободниот пазар.

“Со либерализацијата на пазарот се зголемува конкурентноста и квалитетот на услугите, а европската пракса покажа дека кога има конкуренција на пазарот се нудат и дополнителни поволности за граѓаните од страна на снабдувачите“, стои во соопштението на Министерството за економија.

За крајна заштита на граѓаните со новиот предлог закон за енергетика, како што се наведува, ќе биде воведен и т.н. универзален снабдувач, кој ќе треба по најниски цени да обезбеди квалитетна услуга на корисниците, вклучувајќи ја и евтината тарифа.

Новиот предлог закон за енергетика, според ресорното Министерство, нуди европски решенија во интерес на граѓаните, со цел сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија. Со него домашното законодавство во целост се усогласува со ЕУ законодавството во енергетскиот сектор – Третиот пакет на енергетски мерки, согласно обврските и правилата преземени по договорот со Енергетската заедница.