EY: Автомобилската индустрија имаше „квартал од соништата“

70

Иако светската економија почна забележливо да се сопнува во третиот квартал од оваа година, а геополитичката ситуација беше исклучително лоша, водечките производители на автомобили во светот имаа „квартал од соништата“, според консултантската куќа Ернст и Јанг (EY).

Понудата на полупроводници полека се подобрува, додека продажбата на скапи модели од премиум сегментот е во пораст, наведува EY во новата студија, а пренесува агенцијата ДПА.

Далеку пред сите беше Mercedes-Benz, со 5,2 милијарди евра оперативен профит, пред Volkswagen со 4,7 милијарди, додека BMW е на петтото место со 3,7 милијарди. Од друга страна, најголемиот светски производител Тојота забележа пад на профитот од цели 25 отсто.

Дури и на неодамна воздржаниот кинески пазар, продажбата почна да се подобрува, со раст од 28 проценти во однос на 2021 година и по периодот на рецесија, покажа анализата на EY.

Отежнувачките фактори, сепак, ќе почнат да влијаат и на автомобилската индустрија, рече еден од советниците во EY, Питер Фус.

„Сега гледаме дека голем дел од потрошувачите на важните пазари се соочуваат со сериозен пад на куповната моќ, што значи дека сè помалку луѓе можат или сакаат да купат нов автомобил“, предупреди Фус.