Фабриките ќе работат во смени и за време на полициски час, работниците на работа со посебни дозволи 

138

Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени за време и на полицискиот час, а работниците во време на забраната ќе се движат со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Оваа одлука беше донесена на координативниот кризен штаб на Владата.

При тоа е усвоена и содржината на дозволата и истата се задолжуваат да ја издаваат одговорните лица на компанијата. Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, работното место и смената во којашто е ангажиран работникот. За валидност на дозволата се пополнува и називот на компанијата во којашто лицето работи, а треба да го содржи и меморандумот на компанијата како и потпис и печат од одговорното лице во компанијата.

Овој документ е потврда за движењето на работникот во услови на полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Воедно, од Влада ги потсетуваат правните лица на законската обврска за пријава на ноќна работа. Согласно  член 127 од Законот за работните односи, работодавачот кој користи работници за ноќна работа во ноќна смена меѓу 22:00 часот и 6:00 часот, должен е да ја извести инспекцијата на трудот (Државен инспекторат за труд).

Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економијата, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје. Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19.

Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките.

Фото: Pixabay