Факторингот како алтернативен начин на финансирање овозможува висок раст на компаниите

524
suzana
Сузана Димовска Тунтева, сопственик на Фактор Труст, финансиско друштво за факторинг

“Финансиските друштва преку можноста да нудат пофлексибилни и иновативни финансиски производи се во одлична позиција да им понудат на фирмите дополнителни средства за нивен раст и развој. Имено, факторингот како финансиски инструмент во последните неколку декади е застапен во повеќето светски земји и е забележан значителен раст на неговите услуги, додека пак во Македонија е во самиот зачеток”, вели Сузана Димовска Тунтева, сопственик на Фактор Труст, финансиско друштво за факторинг. Според неа, голем дел од компаниите, особено оние кои спаѓаат во групата на мали и средни претпријатија, не се доволно информирани за можностите што им ги нуди факторингот како алтернативен извор на финансирање, но очекува во блиска иднина тоа да се смени.

БИ: Кои се активностите на Вашето финансиско друштво?

Финансиското друштво за факторинг Фактор Труст ДООЕЛ Скопје е основано во 2010 година, како друштво чија главна цел е да понуди нови финансиски продукти на пазарот. Преку нашите  производи обезбедуваме подобро управување со паричните текови и поддршка при продажбата и развојот на компаниите.

Во 2013 година склучивме договор за стратешко партнерство со Advance Global Capital, меѓународен фонд со седиште во Лондон. Заедно обезбедуваме специјализирани финансиски продукти чија цел е поддржување на растот на малите и средни компании, овозможувајќи отворање на нови работни места и зголемување на капиталот во локалните заедници.

Врз основа на добрата деловна култура во комуникацијата со корисниците и грижата врз истите, идните планови на ФД Фактор Труст се темелат врз обезбедување на флексибилни решенија за финансирање, специјално прилагодени на потребите на нашите деловни патнери, при што сакаме да бидеме катализатор за раст и развој на македонските компании.

Наша определба е постојано подобрување и усовршување на услугите, начинот на давање и брзина на реализација на услугите и постојан контакт и соработка со корисниците.

БИ: Што претставува факторингот и кои видови на факторинг ги нудите?

Факторингот е финансиска трансакција при која една компанија ги продава своите краткорочни недоспеани побарувања на трета страна (наречена фактор) за одреден дисконт, по што целта е паричните средства што ги добива да ги користи за финансирање и развој на бизнисот. За разлика од банкарскиот кредит, факторингот вклучува продажба на побарувањата и нивна конверзија во кеш, што значи подобрена ликвидност без појава на зголемено задолжување во билансите. Постојат повеќе видови на факторинг:

Домашен факторинг – Домашниот факторинг е финансиска трансакција при која откупуваме недоспеани краткорочни побарувања од  домашни должници, најчесто со право на регрес.

Домашниот факторинг е најкорисен за компании кои ги продаваат своите производи на одложено плаќање, додека пак истовремено се обврзани авансно или пак на кратки рокови да плаќаат за репро материјалите кои тие ги користат во процесот на производството.

Извозен факторинг – Извозниот факторинг е производ наменет за македонските извозници кои имаат побарувања од странски должници, настанати како резултат на остварен извоз на стоки и услуги.

Увозен факторинг – Увозниот факторинг е наменет за странските компании коишто ги извезуваат своите производи во Македонија. Увозниот факторинг е начин на којшто компаниите кои извезуваат во Македонија можат да го намалат ризикот за наплата од македонските компани така што ќе добијат авансно плаќање за испорачаната стока од страна на ФД Фактор Труст, со што ќе имаат можност да ја зголемат нивната продажба на македонски компании.

Supply chain finance – ФД Фактор Труст во соработка со Advance Global Capital, нуди специјализирани решенија за финансирање на добавувачкиот ланец на големите компании. Supply chain finance е финансиски инструмент којшто овозможува интегрирано финансирање на процесот на набавка на клиентот. ФД Фактор Труст, за одреден дисконт, откупува недоспеани фактури издадени од страна на домашни мали и средни претпријатија (МСП) кои продаваат на големи компании со добар кредитен рејтинг, при што ФД Фактор Труст ќе му овозможи на клиентот рокови на плаќање до 120 дена. Предностите на овој метод на финансирање за клиентот вклучуваат зголемени денови на плаќање што дополнително ја зголемуваат ликвидноста, подобри услови за преговарање со добавувачите, како и  подобрување на репутацијата кај сите соработници.

Финансирање на трговија – Освен факторинг, ФД Фактор Труст нуди специјано структуирани кредити за компании на кои им е потребно финансирање на постоечки или пак планирани комерцијални трансакции.

БИ: Дали постои интерес за користење на овој вид на финансиски услуги од македонските компании?

Со оглед на фактот дека финансиските друштва се нова категорија во македонскиот финансиски сектор (законот за финансиски друштва беше донесен пред четири години), како и нивната релативно слаба промоција, сметаме дека интересот за производите на финансиските друштва е сè уште на ниско ниво. Голем дел од компаниите, особено оние кои спаѓаат во групата на мали и средни претпријатија (МСП), не се запознаени со можностите што им ги нудат финансиските друштва како алтернатива на традиционалните банкарски продукти.

БИ: Кои услови треба да ги исполни компанијата што сака предвреме да ги наплати своите побарувања?

За почеток вршиме проценка на кредитната способност на потенцијалните клиенти и на нивните должници пред да одобриме револвинг лимит, на чија основа клиентите ќе можат да ни ги продаваат нивните побарувањата во рамките на одбрениот лимит.

Што се однесува до условите за факторинг, за секоја фактура што ни ја продаваат, ФД Фактор Труст им исплаќа помеѓу 70% – 90% од износот на фактурата, намалено за провизија за обработка. Парите се исплаќаат директно на сметката на продавачот. Останатиот дел од износот на фактурата влегува во таканаречен резервен фонд и се враќа назад по извршената уплата од страна на крајниот должник, намален за каматата.

Цената на факторинг услугата вклучува факторинг провизија која се пресметува и наплатува еднократно на износот на откупеното побарување и камата која се пресметува на месечно ниво.

Потребни ни се детални информации за поединечна пресметка, пред да можеме да им дадеме ценовна понуда на нашите клиенти. Условите најчесто зависат од продажбата, структурата на должникот, бројот на фактури, бројот на должниците, а со извозниот факторинг и земјите кон кои е извозот. Трошоците можат да вклучат и осигурување на кредитниот ризик.

БИ: Кои се предностите што ќе ги ползува компанијата од користење на факторингот?

Факторингот како алтернативен начин на финансирање овозможува висок раст на компаниите со тоа што добиваат постојано финансирање кое зависи од нивната продажба и може да го следи нивниот раст дури и кога традиционалните извори на финансирање се истрошени. Исто така, им нуди на компаниите побрз пристап до ликвиден капитал, пократок процес за апликација и одобрување на потребната сума, подобра финансиска позиција на компанијата – односно одржување на нејзината кредитоспособност и солвентност.

БИ: Дали управувањето со ликвидноста е единствен бенефит од користење на факторингот?

Освен управувањето со ликвидноста значајно е да се напомене дека факторингот не се смета за кредит и дополнително ја подобрува сликата во финансиските извештаи на компанијата, при што компаниите се во можност да добијат подобар пристап до кредитни линии. Дополнително, компаниите добиваат конкурентна предност во споредба со нивните конкуренти, при што можат да преговараат за подобри услови за плаќање со нивните купувачи и/или добавувачи.

БИ: Дали гледате потенцијал и можности за развој на бизнисот на финансиските друштва во Македонија и појава на поголема конкуренција?

Во Македонија постои голема побарувачка од компаниите за финансиски средства кои ќе им овозможат да го одржат својот раст и развој.

Финансиските друштва преку можноста да нудат пофлексибилни и иновативни финансиски производи се во одлична позиција да им понудат на фирмите дополнителни средства за раст и развој или пак да им понудат финансирање на фирми кои не се погодни за финансирање од страна на банките. Согласно тоа, очекуваме дека наскоро ќе дојде до зголемување на конкуренцијата во секторот на небанкарски финансиски институции, проследено со значителен развој на продуктите кои овозможуваат алтернативни извори на финансирање.