Почетна Новости ФАО: Пад на цените на храната во јули

ФАО: Пад на цените на храната во јули

41

Цените на храната паднаа на меѓународните пазари во јули, втор месец по ред, објави Агенцијата за храна на ОН, ФАО.

Индексот на цените на основните прехранбени производи на ФАО падна за 1,2 проценти во јули во споредба со јуни кога беше прекинат растот од 12 месеци.

Просечната вредност на индексот од 124,6 поени покажува и дека цените на основните прехранбени производи во јули сè уште биле скоро за една третина повисоки отколку во истиот период минатата година.

Цената на житарките најмногу падна минатиот месец, за три проценти во споредба со јуни, што одразува пад од шест проценти во цените на пченката, предизвикано од подобрените перспективи за посеви во Аргентина и САД и откажани кинески нарачки.

Цените на оризот, исто така, паднаа, на најниско ниво во последните две години, благодарение на подобрената понуда и девизниот курс, што беше надополнето со слабата побарувачка, објаснува ФАО.

Цените на пченицата, пак, пораснаа за 1,8 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво од средината на 2014 година, поттикнати од загриженоста за сушата во Северна Америка, обилните врнежи во Европа и послабите приноси на почетокот на жетвата во Русија.

Млекото и млечните производи поевтинија за 2,8 проценти во јули, а растителните масла за 1,4 проценти, при што падна индексот што го мери движењето на нивните цени на најниско ниво во последните пет месеци.