Фармацевтски гигант под притисок: Силни резултати, но послаби прогнози

Најголемата европска фармацевтска компанија, данската „Ново Нордиск“, ги надмина очекувањата на аналитичарите во резултатите за првиот квартал, но сепак ги ревидираше своите прогнози надолу за остатокот од годината.

Ново Нордиск носи околу половина од стапката на раст на данската економија. Минатата година, бруто-домашниот производ (БДП) на Данска порасна за 3,6 проценти.

Во последниот квартал од минатата година, на квартално ниво, данскиот БДП порасна за 1,8 проценти, што е најдобар резултат за речиси две години, од првиот квартал од 2023 година кога порасна за два проценти.

Pекордна добивка, но ги намалува прогнозите за 2025

„Ново Нордиск“ ја ревидираше својата прогноза за оваа година поради зајакнувањето на конкуренцијата на пазарот на лекови за слабеење, особено во САД.

Сега данската компанија очекува годишен раст на продажбата помеѓу 13 и 21 процент и раст на оперативната добивка помеѓу 16 и 24 проценти. Во двата случаи, ова е корекција од три до пет процентни поени.

„Со оглед на тоа што околу милијарда луѓе ширум светот имаат проблеми со дебелината, а само неколку милиони примаат третман, Ново Нордиск продолжува со глобалниот маркетинг на лекот Вегови“, изјави главниот финансиски директор Карстен Манк Кнудсен, додавајќи дека очекува продажбата да се забрза во третиот квартал.

Во првиот квартал, нето добивката се зголеми за 20 проценти на 5,2 милијарди евра, додека продажбата се зголеми за 18 проценти на 10,5 милијарди евра. Продажбата на лекови за дијабетес и прекумерна тежина, кои се основен дел од „Ново Нордиск“, се зголеми за 19 проценти на 9,9 милијарди евра.

Компанијата работи на нова генерација лекови против дебелина и очекува да ја поднесе својата прва апликација за лек наречен „КагриСема“ во првиот квартал од следната година. Досега, неговата употреба покажува намалување на телесната маса за 15,7 проценти.

Тој процент, објавен во март, донекаде ги разочара инвеститорите кои очекуваа бројката да биде 25 проценти.