ФДА: Терминот млеко во ексклузивна употреба само кај млечната идустрија

41

Американската федерална агенција за храна и лекови (ФДА) планира да ја ограничи употребата на терминот “млеко” односно истиот да не се однесува на немлечни производи, пишува Inhabitat. Моменталните федерални стандарди во врска со употребата на терминот беа сменети во април 2017 година, во обид да се зголеми продажбата на млечни производи, но не беа спроведени во целост.

Причината за ваквиот потег од ФДА, ја објаснуваат со тоа што “вегетативните имитатори на млечните производи” што се доста популарни помеѓу вегетаријанците и здравствено освестените поединци ја нарушуваат официјалната дефиниција на млекото. Имено, според дефиницијата млекото е “лактална секреција, практично ослободена од колострум добиен со потполно молзење на една или повеќе здрави крави“, а бидејќи бадемот не лактира, “млекото“ од бадем и не може да се нарече млеко.

ФДА ја покрена иницијативата за промена и покрај фактот што може да се соочи со неколку тужби. Оние што протестираат против разликата тврдат дека различните вокабуларни дефиниции го дефинираат млекото дека доаѓа од два извора, и животни и јаткасти плодови, повикувајќи се и на најраните записи за бадемовото млеко кои датираат уште во 16-иот век. Агенцијата за храна и лекови, пак, тврди дека со потегот ги заштитува потрошувачите кои можат да бидат заведени во купување на алтернативите додека бараат млечни производи.

Прогнозите велат дека вредноста на индустријата за алтернативни млечни производи ќе порасне на над 34 милијарди долари во следните пет години, додека млечните производители се соочуваат со пад на цените и преголемо глобално  снабдување.

Фото: Pexels