Фед и овој пат ги остави каматните стапки непроменети

12

Федералните резерви на САД во средата одлучија да не ги менуваат клучните каматни стапки. Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) гласаше за задржување на целната референтна каматна стапка во сегашниот опсег од 5,25 до 5,5 проценти, што е највисоко во последните две децении.

Каматните стапки во САД се на тоа ниво од јули минатата година, а во меѓувреме нема промена во цената на задолжувањето на шест последователни состаноци на ФЕД.

Плановите на ФЕД за непосреден почеток на монетарното олеснување беа нарушени од инфлацијата во март, кога цените се зголемија повеќе од очекуваното. Имено, годишната инфлација во САД повторно порасна на 3,5 отсто, покажуваат податоците на Бирото за статистика на трудот.

Зголемените цени на бензините и високите трошоци за домување го запреа напредокот постигнат порано.

Податоците за март покажуваат пораст на стапката на инфлација во однос на февруари кога таа беше измерена на 3,2 отсто, што претставува највисок годишен пораст на цените во последните шест месеци.

Во меѓувреме, трговците почнаа да се обложуваат дека ФЕД може повторно да ги зголеми каматните стапки, што беше речиси незамисливо до неодамна, што укажува на промена во очекувањата по посилните економски податоци од САД.