ФЕД може да ја принуди ЕЦБ да ги намали каматните стапки во октомври

28

Доколку американската централна банка ги намали каматните стапки за повеќе од 25 базични поени следната недела, тоа би можело да ја поттикне Европската централна банка повторно да ги намали каматните стапки во октомври, изјави Питер Прает, поранешен главен економист во еврозоната.

Поагресивното монетарно олабавување во САД би значело дека тамошната економија не оди многу добро, а тоа, заедно со влошувањето на ситуацијата во Кина, би имало и последици за економијата на еврозоната, изјави Прает за ТВ Блумберг.

„Ако ФЕД ги намали каматните стапки за 50 базични поени, мислам дека ќе се зголемат и шансите ЕЦБ да ги намали каматните стапки во октомври“, рече Прает во петокот. Таквата одлука на ФЕД „ќе влијае на движењата на пазарите на капитал, како и на девизниот пазар“, додаде тој.

Во четвртокот ЕЦБ ги намали трошоците за задолжување за 25 базични поени, што го очекуваа економистите и аналитичарите. Официјалните лица оставија простор да го направат истото во октомври, иако пазарите се посигурни дека каматните стапки ќе продолжат да паѓаат во декември.

Неодамна објавените податоци во САД поттикнаа гласини дека ФЕД може да ги намали каматните стапки за 50 базични поени за да избегне понатамошно влошување на пазарот на трудот.

Поранешниот претседател на њујоршката ФЕД, Вилијам Дадли, смета дека има шанси за таков потег на американската централна банка бидејќи ризиците за пазарот на трудот ги надминуваат ризиците дека инфлацијата би можела повторно да забрза.

Прает ги посочи и слабостите на европската економија. „Побарувачката на потрошувачите кај домаќинствата останува многу ниска“ и властите требаше да признаат дека ризиците за економскиот раст се зголемени поради ова, рече тој. Анкетите меѓу бизнисмените и цените на енергенсите ќе бидат главните фактори за одлучување за монетарната политика во октомври.

„Најдоброто сценарио за ЕЦБ е декември, но декември е далеку“, рече Прает. Дотогаш може да се случат многу работи“, заклучи тој.