ФЕИТ со прво место за прототип на паметна табла

34

Тим студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии освои прво место на меѓународниот натпревар EBEC Challenge Balkan, што се оддржа во Ниш, Србија во организација на Board of European Students of Technology (БЕСТ).

Студентите Јасна Станисавлевиќ, Александар Цоневски и Елена Стефановска од ФЕИТ, насока Обновливи извори,заедно со Калина Трајановска од ФИНКИ се натпреваруваа во категоријата тимски дизајн. Во конкуренција од осум тимови од Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Хрватска, тимот на ФЕИТ изработи прототип на смарт табла (паметна табла) којашто го олеснува читањето на техничките цртежи, како решение за проблемот со којшто се соочува еден од спонзорите на настанот.

“Особено сме горди што успеавме да ги воодушевиме со нашето решение. И не само што ја имавме највисоката оценка, туку имаше и голема разлика меѓу нас и второпласираниот тим. За нас е задоволство што го претставувавме ФЕИТ на ова натпреварување“, велат студентите.

За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, радува што Факултетот со начинот на работа овозможува и развој на креативноста кај студентите.

“Нашите студенти имаат одлични услови за учење, односно за теоретска работа,за унапредување на практичните вештини, но и за развој на креативноста. Тоа што успеваат да се истакнат на натпревари каде се бараат различни вештини, а имаат можност да прават и тимови со колеги од другите факултети, е доказ за одличните услови за едукација кои постојат на Факултетот за електротехнички и информациски технологии“, вели деканот Ташковски.

Меѓународниот натпревар EBEC Challenge Balkan е европското натпреварување во инженерство на студентската организација БЕСТ, основана 1989 година и присутна на 96 технички факултети во 33 земји.