Фејсбук бара од полицијата да престане да ги шпионира корисниците преку лажни сметки

71

Социјалната мрежа Фејсбук се обрати до полицискиот оддел во Лос Анџелес (LAPD) барајќи од нив „да престанат да отвораат лажни профили за да ги следат корисниците“.

Веста за ова дојде откако „Гардијан“ откри дека американското полициско одделение соработува со технолошка фирма, анализирајќи ги податоците од корисниците за да помогне во решавање на злосторства.

Фејсбук експлицитно забранува создавање и употреба на лажни сметки.

Намерата, како што се наведува, била „да се создаде безбедна средина во која луѓето ќе можат да си веруваат едни на други и да бараат одговорност“.

– Не само што документацијата за обука на LAPD го користи Фејсбук како експлицитен пример за советување полицајци да отворат лажни сметки на социјалните медиуми, туку документите исто така покажуваат дека политиката на полицијата едноставно им дозволува на полицајците да креираат лажни сметки за „онлајн истражни активности“ – посочи потпретседателот и заменик главен советник за граѓански права Рој Остин во писмо, во кое ги наведува политиките на Фејсбук.

Тој тврди дека иако легитимноста на таквите правила може да зависи од самата LAPD, „полициските службеници мора да се придржуваат до политиките на Фејсбук кога создаваат сметки на нашите платформи“.

„Полициската управа треба да ги прекине сите активности на Фејсбук кои вклучуваат употреба на лажни сметки, лажно претставување и собирање податоци за цели на надзор“, рече Остин.

Документите добиени преку барање за јавна евиденција поднесено од непрофитниот центар за правда „Бренан“ покажаа дека во 2019 година, LAPD користела софтвер за следење на социјалните медиуми на „Војаџер Лабс“ за да собира податоци од социјалните мрежи на осомничените, вклучувајќи ги и профилите на нивните пријатели.

„Војаџер Лабс“ тврди дека нивниот софтвер е способен да анализира големи количини на податоци за да помогне во решавањето на злосторствата, вклучително и помагање да се откријат мотивите и личните верувања на корисниците.

Роберт Потер, австралиски експерт за безбедност кој е специјализиран за правен надзор, смета дека лажните профили може да се оправдаат во ситуации кога активистите за човекови права или новинарите се обидуваат да ја заштитат својата приватност на интернет, или за корисници во земји каде што има цензура на Интернет.

Тој беше изненаден од силниот однос на социјалната мрежа кон полицијата од Л.А., кога во минатото Фејсбук беше познат по бавните реакции кога требаше нешто да се преземе за прашања како што се измамнички политички реклами, интернет измами и негативни ефекти на социјалните мрежи врз тинејџерите.

„Навистина е интересно да се види дека Фејсбук всушност стана крстопат на проблематични интернет комуникации, од трговија со деца и терористички закани до дезинформации за пандемијата Ковид“, изјави Потер за Би-Би-Си.

Додава дека се чини дека Фејсбук сè уште е повеќе загрижен за злоупотреба на нивната платформа од ЛАПД отколку за заканите за дезинформации кои доаѓаат од Кина или Русија.

И покрај тврдењата за автентичност и одговорност, оваа социјална мрежа во август годинава ги блокираше сметките на американските академици кои истражуваат политички реклами на нивната платформа.

Фејсбук соопшти дека алатката за проширување на пребарувачот што ја користат академските истражувачи ја загрозува нејзината безбедност, додека академиците тврдат дека нивната работа е од витално значење за одржување на демократијата и транспарентноста во однесувањето на таа социјална мрежа.

„Ако не напаѓате злонамерни актери користејќи ја вашата платформа, немате силна основа да се борите против легитимната употреба на истата платформа“, рече Потер, кој го изгради оперативниот центар за сајбер безбедност на „Вашингтон пост“ и ја советуваше австралиската влада за сајбер безбедноста.

– Фактот што водат платформа за социјални медиуми не ги прави посебни и над другите. Ако не постои правило дека не можете да имате полицаец на тајна мисија во црква, зошто би требало да важат различни правила за социјалните мрежи? праша Потер.