Вкупно 45 компании денеска добија сертификат Фер за потрошувачот, што се однесува за компании со јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, со фер пазарни практики и спогодбено решавање поплаки и спорови, како и кои ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина, стои во соопштението.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, исатакна дека сертификацијата означува дека компаниите се грижат за производите, за услугите, дека имаат фер практики кон потрошувачите, односно дека се грижат потрошувачите да бидат задоволни, а исто така дека обрнуваат внимание на производите да не бидат штетни за животната средина.
“Денес завршуваме еден циклус на сертификација и почнуваме нов, во кој и други компании ќе ни се придружат заеднички да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи преку примена на фер практики“, истакна Лончар-Велкова.
Сертификатот се издава од сертификациско тело кое е креирано од трите организации (Организацијата на потрошувачите – ОПМ, ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит) со повеќегодишно искуство при заштита на потрошувачите и унапредување на конкурентноста на македонската економија.
Цената за сертификација е формирана според големината на компанијата. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво надоместува 50% од трошоците за сертификација на за мали и средни претпријатија.
Фото: Pixabay