Компанијата Фиат автомобили Србија (ФАС) најави дека од идната година во погоните во Крагуевац ќе почне производство на нов модел fiat 500L со погон на течен гас. Новата верзија на fiat 500L со погон на течен гас ќе почне да се произведува во текот на февруари или март.
Одбележувајќи ја успешната година, генералниот директор на ФАС, Антонио Чезаре Ферара изјави дека 2014 година ќе ја обележи и нова палета на бои на автомобилите на Fiat, кои ќе бидат и рестилизирани, пренесува Танјуг.
Ферера очекува владата на Србија да постигне договор за извоз на возила и на рускиот пазар, што ќе создаде можност за отворање на нови работни места.
Годинава би требало да се произведат меѓу 100.000 и 120.000 fiat 500L автомобили, од кои 20% се извезени на американскиот пазар. Според податоците на министерството за финансии на Србија, за 10 месеци се извезени возила во вкупна вредност од 1,282 милијарди евра, што ја стави компанијата на прво место на листата најголеми српски извозници.
Од основањето до денес, во ФАС се инвестирани преку една милијарда и двеста милиони евра, а вработени преку 3.000 работници.