Фич го потврди кредитниот рејтинг ББ за Македонија

21

fitch-580x387Кредитната Aгенција Фич го подобри изгледот на Македонија од негативен во позитивен, истовремено потврдувајќи го кредитниот рејтинг ББ.

Својата оценка, меѓу другото, ја базира врз буџетскиот дефицит којшто во 2017 изнесува 2,7% од БДП, наспроти предвидениот дефицит со ребалансот од 2,9% како и на плановите за постепено намалување на дефицитот на 2% на среден рок, јавува МИА. Според Фич, во 2017 година, државниот долг изнесува 39,2% од БДП а јавниот долг изнесува 47,4% од БДП, што претставува прво годишно намалување на јавниот долг, после континуираниот 9-годишен раст од 23% од БДП во 2008 година.

На потврдата на рејтингот ББ влијание имаа и оддржувањето на ниска инфлација и финансиска стабилност, поддржани од кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика, конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс. Фич оценува дека растот на БДП во 2017 година изнесува 0,5%, при висок раст во последниот квартал на годината како одраз на закрепнувањето на индустриското производство, извозот и кредитирањето. Понатаму, се очекува дека растот на БДП ќе забрза на 3,1% во 2018 и 3,3% во 2019 година, како резултат на позитивните ефекти на политичката ситуација врз економските очекувања и економската активност.

Врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичката неизвесност, како и имплементацијата на кредибилна среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП.