Агенцијата за кредитен рејтинг Фич ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен ББ+.
Како што наведуваат од агенцијата, рангирањето се базира врз подобрените проекции за економски раст на земјата, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор.
Според Фич, благодарение на одличните резултати во градежништвото, растот на македонската економија во 2013 година ќе биде 2,7%. За 2014 и 2015 година, тие предвидуваат поинтензивен раст како резултат на зголемувањето на извозот и капиталните инвестиции на Владата.
Агенцијата ги потенцира и странските инвестиции во технолошко индустриските зони како важен контрибутор во трговското салдо во земјава, кои сега учествуваат со една петина во вкупниот извоз.
На среден рок, кредитната агенција Фич оценува дека Владата ќе ги исполни целите кои ги има дадено во фискалната стратегија, односно дека буџетскиот дефицит ќе биде во утврдените рамки од 2,6% од БДП до 2016 година.