Филмот Врба на Манчевски во американски поход

71

Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 Врба на Милчо Манчевски ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг платформите низ САД, во дистрибуција на Кино Лорбер, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД. Врба пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021, и ќе продолжи во 2022 и 2023.

Сопственикот на Кино Лорбер, Ричард Лорбер, го нарече Врба “моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството. Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика“.

Кино Лорбер постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4.000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на големи автори, како Жртва на Тарковски, Странецот на Орсон Велс, Книга слика на Жан-Лик Годар, Враќање дома на Хол Ешби, Софи Шол, Збогум на оружјето, Ѕвездата е родена, Песјак на Лантимос, Томасо на Абел Ферара со Вилем Дафо, Суд на Тамхане, Причината зошто скокам, Капитал во 21 век – документарец со Пикети, Фукујама и Стиглиц, документарни филмови за Јозеф Бојс, Роберт Френк, Кјубрик, Гери Виногранд, Џозеф Камбел, Грејс Џонс, итн. Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.

Во редовна кино-дистрибуција во САД се прикажуваат релативно мал број странски филмови. Единствени македонски филмови прикажани на редовниот репертоар во Америка се претходните филмови на Милчо Манчевски (Пред дождот, Прашина, Сенки, Мајки и Бикини Мун) како и Медена земја.

Во престојниот период пред номинациите за Оскар, Врба го продолжува фестивалскиот поход, а ќе има и специјални проекции во угледни предоскаровски настани во Њујорк, и Лос Анџелес и Калифорнија.

Исто така, Врба ќе се прикажува и на најреномираниот телевизиски канал за прикажување на филмови, НВО, каде пред европската публика ќе се емитува повеќе пати во текот на 2021 и 2022 година.

Минатиот месец, Врба имаше и онлајн премиера во Унгарија, каде повторно доби извонредни критики.

Во текот на 2021 се предвидени кинопремиери на Врба во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и Велика Британија.

За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, Врба освои вкупно 5 трофеи, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, и се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија, а филмот продолжува со несмалено темпо што времено беше запрено поради Ковид-19 пандемијата.