Финалнен патоказ за мерки и реформи за намалување на бирократски товар

14

Вчера се одржа настан за консултации во врска со таканаречен Финален патоказ за мерки и реформи за намалување на бирократскиот товар, организиран од страна на Македонија 2025.

Финалниот патоказ за намалување на бирократскиот товар е подготвен врз основа на истражувањето кое го спроведе Македонија2025 за мерење на товарот кој бирократијата го наметнува на претпријатијата. Патоказот дава приказ на сегашната состојба со бирократскиот товар и нуди нацрт решенија и препораки за намалување на истиот.

На настанот присуствуваа претставници од деловните организации, државните институции и граѓанските организации и Владата, кои дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за креаторите на политиките. Дополнително, на настанот се презентираа наодите и препораките, како и мислењето и искуството со цел финализирање на препораките насочени кон владата. Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е директен корисник на наодите и препораките во име на Владата.

Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, Главен извршен директор на Македонија2025 го презентираше концептот и важноста на  проектот Кон намалување на бирократскиот товар, истакнувајќи: Македонија2025 продолжува интензивно да работи на забрзување на растот и конкурентноста на македонските бизниси, и токму затоа сметаме дека преку овој проект ќе можеме да препорачаме на носителите на политика да создадат бизнис опкружување кое ќе стимулира раст и развој на малите бизниси.

Сашо Клековски, стручен соработник и аналитичар кој ја подготви анализата, ги презентираше главните наоди и препораки до владините институции нагласувајќи дека Македонија е лидер меѓу земјите вклучени во истражувањето во смисла на најнизок бирократски товар, што е резултат на значајни позитивни реформи во минатото. Но, пристапувањето кон ЕУ може да доведе до зголемување на бирократијата.

Настанот е дел од проектот Кон намалување на бирократскиот товар, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. По извршените консултации ќе биде изработен детален Акциски план за мерки и реформи кои ќе го намалат непотребниот административен товар за македонските претпријатија.

Македонија2025, за овој проект, е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.