Домашни компании од областа на иновациите од утре ќе можат да аплицираат за финансиска помош со кофинансирање преку првата програма на Фондот за иновации и технолошки развој за која се одвоени 600.000 евра, пишува Миа.
“За планираните четири инструменти за годинава на Фондот за иновации и технолошки развој се предвидени 2.280.000 евра, а генерално за функционирање на Фондот 10 милиони евра“, рече денеска вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Со првиот инструмент за кој ќе биде објавен повик утре, се предвидени кофинансирани грантови за 20-тина проекти на старт-ап и спин-оф компании. Со останатите инструменти ќе се доделуваат кофинансирани грантови за трансфер на технологии, за комерцијализација на иновации, како и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.
Директорката на Фондот за иновации, Јасмина Поповска, информира дека старт-ап и спин-оф компаниите што ќе се пријават на утрешниот повик ќе може да добијат најмногу до 30.000 евра. Фондот финансира 85% од вкупните трошоци на проектите. Целта е да се зголеми иновативноста кај македонските претпријатија, но и да се поттикне примената на научно истражувачки проекти од универзитетите во комерцијалниот дел преку формирање спин-оф претпријатија.
Фондот за иновации во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани за начинот на добивање финансиска поддршка. Повикот, со условите и методологијата за оценка на апликациите, ќе биде објавен во печатените медиуми и на веб страницата на Фондот за иновации.