Петта година по ред, жителите на Финска се дел од кампањата The Ham Trick преку којашто се поттикнуваат домаќинствата да го собираат и рециклираат отпадот што останува од маснотијата од шунката и другите јадења што се подготвуваат за Божик.
Компанијата Neste го собира масниот отпад и од тоа прави дизел гориво што е поеколошко за разлика од класичното. Бидејќи во ова дизел гориво нема никакви додатоци, тоа согорува и има поголема ефикасност, а во текот на зимските денови има и подобри перформанси од класичните дизели.
Станува збор за компанија што е водечки производител на еколошки дизел од отпад и други остатоци, а минатата година прикажа приходи од скоро 16 милијарди долари.
Минатата година во кампањата учествувале скоро 200.000 домаќинства, а од собраната маснотија направен е дизел доволен 19 пати да се заобиколи светот со автомобил. Оваа година се очекува во кампањата да учествуваат околу 250.000 жители на Финска.
Кампањата трае од 18-ти декември до осми јануари, а сите заинтересирани можат да донесат маснотии во картонски кутии на 350 обележани места во различни објекти. Дизелот може да се направи и од друг вид на маснотии, па се повикуваат граѓаните освен маснотијата од подготвената шунка, да донесат и маснотија од јадења со лосос или мисиркино месо.
Фото: Freepik