По повод Меѓународниот ден за борба против бирократијата, денеска за првпат јавно беше претставена методологијата за пресметка на Индексот на бирократија во Република С. Македонија.
Пресмeтката на индексот на бирократија е дел од проектот Кон намалување на бирократскиот товар, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. Кратки, брзи и праведни административни постапки и барања се основа на поволно деловно опкружувањето кое дава услови за основање и брз раст на претпријатијата. На настанот експерти, претставници на организацијата, бизнис секторот и Владата дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за креаторите на политиките.
Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025 го презентираше концептот и важноста на проектот Кон намалување на бирократскиот товар, вклучително и на Индексот на бирократија.
“Претпријатијата се основна клетка на економијата, а државата и државната регулација треба да ѝ дадат кислород и потребни услови самостојно да се развива, наместо да ја гушат и ограничуваат. Тековниот проект е насочен кон идентификација и предлог за елиминирање на регулацијата и надворешните услови кои го ограничуваат и спречуваат развојот на клетката односно македонските претпријатија. Индексот утврди дека едно претпријатие во земјава троши 154 часа годишно и поминува низ 45 процедури и чекори за да биде целосно усогласено со домашното законодавство. Притоа, претпријатијата во С. Македонија се соочуваат со најмалку бирократија меѓу земјите за кои се пресметува Индексот, што е во согласност и со наодите на Дуинг бизнис извештајот. Пример, претпријатие во Словачка троши 240 часа годишно, во Италија, 312 часа, а во Шпанија дури 370 часа. Благодарни сме што преку партнерството со Цивика мобилитас и ИНЕСС Словачка ќе придонесеме кон подобрување на бизнис климата со конкретен план за намалување на бирократскиот товар, во соработка со бизнис секторот и државните институции. Со овој проект, Македонија2025 ги продолжува и засилува своите активности и програми за унапредување на конкурентноста и растот на македонските компании“, нагласи Блажевски.
Фатмир Битиќи, ЗПВРСМ задолжен за економски прашања, економски ресори и инвестиции истакна дека со инклузивен процес, во којшто ќе бидат вклучени сите чинители во економското живеење, стопанските комори, синдикатите, академската заедница, меѓународните партнери, граѓанските организации, преку процес на консултации и дискусии, ќе се работи на унапредување на законската регулатива, со која ќе се упростат и олеснат бирократските процедури.
За методологијата, структурата и областите на Индексот, подетално објасни Сашо Клековски, аналитичар и стручен соработник, кој ги презентираше резултатите и предизвиците при истражувањето, со првични препораки и насоки за намалување на бирократскиот товар.
“Индексот на бирократија е пресметан врз база на однапред утврдена методологија, во соработка со експерти од различни области и анкети спроведени со претпријатија. Индексот е поделен во четири категории: работни односи; оперативно работење; категорија друго (водење на архива, регистрација на пост-терминал итн.) и трошоци/обврски поврзани со промена на законска регулатива. Македонските претпријатија најмногу време, 64 часа годишно, трошат на усогласеност во делот на работни односи, што опфаќа обврски за пресметка на плата и администрацијата околу вработувањето. Навистина сме лидери во позитивна смисла меѓу земјите кои го пресметуваат Индексот. Но, има доста простор за натамошно подобрување, на пример, унапредување на системот на е-даноци, вклучително и на ИТ систем (решавање на преоптовареност), подобрување на квалитетот на податоци во ФПИОМ, управување со отпад, статистички извештаи итн. Компаративно сме најслаби во категоријата за промени на законска регулатива, што е поврзано со чести измени на закони, кус период за прилагодување за компаниите и недоволно консултации пред носење на измените. Како дополнение, во иднина треба да очекуваме зголемување на бирократскиот товар и чести измени на закони кои ќе произлезат од процесот на пристапување кон ЕУ“, објаснува Клековски.
Овој индекс се пресметува за неколку земји членки на ЕУ, како Словачка, Чешка, Италија, Шпанија и Литванија. Од следната година се очекува вклучување и на Србија и други земји од регионот.
Во следната фаза на проектот ќе бидат спроведени консултации со претставници на бизнисите и со државните институции, во насока на подготовка на конкретен план и предлози за намалување на бирократските процедури и трошоци за компаниите.