Предлогот фирмите да не можат да се регистрираат на домашна адреса е само иницијатива, рече денеска министерот за економија, Ваљон Сараќини.
Тој истакна дека овој предлог произлегол од тоа што во последно време се прави злоупотреба на повратот на ДДВ. Ресорниот министер рече дека допрва треба да се слушнат сугестиите на стопанските комори и компаниите, а дури потоа да се донесе одлука дали ќе се прават измени на Законот за трговски друштва.
“Треба да се одржи јавна дебата, да се слушнат стопанствениците за да можеме да донесеме заклучок дали има или не потреба од измени и дополнувања на Законот за трговски друштва“, рече Сараќини.
Според него, во пракса се сретнува управител или директор на некоја компанија која е регистрирана на домашна адреса многу често за набавка на персонални средства да бара поврат на ДДВ.
“Тоа е злоупотреба на повратот на ДДВ и затоа сакаме да го стопираме тоа. Но, во ниту еден случај нема да дозволиме да трпи малиот бизнис поради едно вакво законско решение“, додаде тој.