ФИТР и МАСИТ со нова соработка за имплементација на иновативни решенија во ИКТ секторот

70

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) потпишаа Меморандум за соработка со цел поголема имплементација на иновативни и технолошки решенија  во ИКТ секторот и забрзан развој на ИКТ стопанството.

Меѓусебната соработка ќе вклучува и развој на слободно претприемништво и поттикнување на конкуренција во ИКТ секторот, координирање на истражувања, развој на техничко – технолошките достигнувања како и организирање на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација на стручни кадри.

“МАСИТ се наши долгогодишни партнери и верувам дека со новите активности најмногу ќе им помогнеме на младите и талентирани ИТ инженери на кои ќе им овозможиме подобри услови нивните идеи и услуги да ги развијат во нашата држава а да бидат конкурентни глобално. ИКТ индустријата како една од најбрзорастечките e клучен двигател за развој на економијата и претставува важен извор на иновации. За ова зборува и фактот дека најголем процент од поддржаните проекти од страна на ФИТР се од областа на оваа индустрија, односно 30% (160) се ИКТ компании. Со финансиска поддршка од ФИТР од една страна и МАСИТ како најдобар познавач на нивните интереси од друга страна, убеден сум дека ќе придонесеме за подинамичен и одржлив ИКТ сектор“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Дополнително, планираните активности ќе имаат позитивен придонес за долгорочен раст на развојот на националната економија, трансфер на знаења и зголемување на вработеноста.

“За МАСИТ овој Меморандум претставува официјализирање на досегашната успешна соработка со ФИТР како и можност за нејзино продлабочување. Во периодот кој ни претстои, очекуваме заеднички значително да придонесеме во поттикнување на иновациската дејност и технолошкиот развој во доменот на ИКТ секторот,  и да ги поддржиме процесите за дигитална трансформација, како и економскиот развој воопшто“, изјави Анета Антова Пешева, претседателка на УО на МАСИТ.

Во наредниот период планирани се и информативни настани за потенцијалните апликанти на јавните повици на Фондот за иновации и технолошки развој.