ФИТР: Продолжен рокот за аплицирање на јавниот повик за старт-ап и спин-оф компании

49

Поради зголемениот интерес, особено од студенти и млади од целата држава, рокот за аплицирање за јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф е продолжен за 20 дена односно до 15-ти март, 2020 година (до 23:59 часот), информираат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Одлуката следи откако до Фондот беа испратени повеќе писмени барања од студенти и млади од целата држава за продолжување на рокот за аплицирање, а за интересот во однос на овој инструмент за финансиска поддршка на Фондот, зборува и фактот дека досега се преземени над 750 апликациски пакети.

Јавниот повик е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од шест години), кои имаат иновативна идеја во фаза на “потврден концепт” со реален план за комерцијализација.

Преку овој инструмент се обезбедува финансиска поддршка за активности на истражување и развој на старт – ап и спин – оф претпријатија и имплементирање на иновативни решенија, како и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.

Целта на овој повик, меѓу другото е што повеќе млади луѓе своите идеи да ги преточат во бизнис, да отворат свои компании и да аплицираат.

Вкупниот буџет за повикот изнесува еден и пол милиони евра, а преку овој инструмент е предвидено кофинансирање од ФИТР најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, односно максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% од средствата треба да бидат обезбедени од компаниите.

Во периодот до истекување на рокот за аплицирање, за домашните компании ФИТР обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош. Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање на http://www.fitr.mk/startapuvaj-2/.

Фото: Pexels