ФИТР: Реализација од 99,9% на предвидените финансиски средства за поддршка на домашната економија

10

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ја заврши 2019 година со рекордна реализација од 99,97% на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останати корисници на средства од инструментите на ФИТР, стои во соопштението.

Во измината година, ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Владата, како и од Светската банка. Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализарани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува една милијарда денари.

Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образование, заштита на животната средина, како и примена на иновациите во јавниот сектор.

Во 2019 година, Фондот во целост ја реализираше предвидената програма за реализација на нови јавни повици и обезбедување на поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, за комерцијализација на иновации предвидените 12,5 милиони евра се искористени 100%, додека во тек се два јавни повика – за поддршка на технолошки развој и старт – ап компании, за што средства беа обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2019 година.

Заклучно со декември, ФИТР има склучено (или во фаза на склучување на) договори за кофинансирање на 320 компании и 54 основни и средни училишта. Вкупниот обем на инвестиции кај домашните компании е во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании. На овие проекти има директно ангажирани 769 лица, од кои дури 360 се новоотворени работни места, со просечна плата од 700 евра.

Првичните анализи на работењето на дел од компаниите чија реализација на проектите е во понапредна фаза, покажуваат дека по поддршката од Фондот приходите им пораснале за 50%, а нето добивката пораснала за 64%. Зголемен е и бројот на вработени за 27%, а забележан е и пораст од 4% кај просечната месечна плата исплатена во овие компании.

Фондот ја стартуваше и кампањата Создаваме успешни приказни, којашто има за цел презентација на кофинансираните проекти и постигнатите резултати преку личните приказни на нашите корисници.

“Преку нив сакаме да ви го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата Создаваме успешни приказни.

Фондот минатата година воведе и повеќе новини и измени со цел поедноставување на постапката за аплицирање. Меѓу другото воведена е и таканаречената fast track скратена постапка за аплицирање. Отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.

Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.

Скратената постапка веќе почна да се применува од декември со јавните повици за  Ко-финансирани грантови за технолошки развој  со вкупен буџет од 6.000.000 евра и нов повик за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф со вкупен буџет од 1.500. 000 евра. Апликациите за истите се отворени до 05.02.2020 година за технолошки развој, однос до 25.02.2020 година за старт – ап компании.

Фото: Pexels