Ценовно чувствителна информација: Српската „Алта банка“ го загуби правото на глас за 95,3% од акциите во Битола

Согласно Глава 6 од Правилата за котација, „АЛТА банка“ АД Битола објави ценовно чувствителна информација:

АЛТА банка АД Битола известува дека врз основа на Решението донесено од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија бр.15-35241/1 од 1.11.2026 се воведува администрација во Банката.

За администратори во АЛТА банка АД Битола се именувани лицата Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, вработени во Народната банка на Република Северна Македонија.

Администрацијата се воведува за период од 3 (три) месеци, a администраторите ги преземаат сите надлежности на Надзорниот одбор и Управниот одбор, како и надлежностите на Собранието на акционери на АЛТА банка АД Битола, освен надлежноста за донесување одлука за зголемување на капиталот на Банката.

Воведувањето на администрацијата е последица на настанатите околности поврзани со Алта Банка АД Белград, акционер со квалификувано учество од 95,336% во капиталот на АЛТА банка АД Битола, на кој од страна на надлежниот супервизорски орган во Србија му е одземена дозволата за работа со истовремено донесување одлука за исполнување на услови за поведување на стечај. Дополнително како резултат на сите наведени случувања, Народната банка на Република Северна Македонија на 1.11.2026 ја повлече согласноста на Алта Банка АД Белград за квалификувано учество во АЛТА банка АД Битола.

Мерката за воведување администрација е преземена од страна на Народната банка на Република Северна Македонија  со цел заштита на имотот и репутацијата на Банката, како и на интересите на нејзините депоненти и доверители, во услови на настанатите околности со нејзиниот доминантен акционер.