Фокус на „даночната илузија“ – Петрова и Јанчески со поенти за злоупотреба на законите

Директорката на Управата за јавни приходи м-р Елена Петрова учествуваше на 89-тата средба на правници, организирана од Здружението на правници во Охрид, настан каде што секоја година истакнати правни, економски експерти, академици и претставници на релевантни институции разменуваат мислења и анализираат актуелни предизвици во правниот и економскиот систем.

Во рамки на панел-дискусијата „Даночна илузија: Маневри во сенката на законот“, директорката Петрова истакна дека некои субјекти користат правно дозволени, но вештачки механизми за намалување на даночниот товар. Таа нагласи дека иако овие практики не се нелегални, тие често се темелат на тешко доказливи стратегии кои се искористуваат за манипулација со законот, што претставува закана за стабилноста и правичноста на даночниот систем.

„Во глобален контекст, меѓународните тела како ОЕЦД преку иницијативата BEPS (Base Erosion and Profit Shifting) подолг период работат на спречување на агресивни стратегии за ерозија на даночната основа. И кај нас, стануваат сѐ порелевантни, особено во светло на потребата од поголема фискална дисциплина и доверба во институциите. Без решителен пристап, ризикуваме да го легитимираме начинот на кој „паметните“ го избегнуваат товарот што останатите го носат.

И во македонскиот контекст се отвораат ваквите прашања на поширока правна и судска сцена. Неопходно е градење капацитети за финансиска и правна анализа на комплексни структури (трансферни цени, поврзани трансакции и офшор структури), развој на судска пракса што ќе ја унапредува доктрината на економска реалност, транспарентност и почитување на фискалната цел, зголемена соработка на меѓународно ниво за спречување прекугранични злоупотреби, јавен притисок за корпоративна одговорност и транспарентност.

Што е решението?
Професионалната заедница – правници, судии и адвокати – имаат клучна улога во унапредување на правната култура за фер оданочување. Токму преку правно аргументиран и балансиран пристап, можно е да се направи јасна дистинкција помеѓу легитимно планирање и злоупотреба на правото, а со тоа да се заштити не само фискалниот интерес, туку и интегритетот на правниот систем.“ – истакна Петрова.

Во рамки на сесијата свој придонес даде и главниот генерален инспектор на Управата за јавни приходи, Ненад Јанчески, кој презентираше студии на случај поврзани со предизвиците и практиките во даночната регулатива, појаснувајќи го начинот на кој сложените финансиски и правни инструменти се користат за минимизирање на даночните обврски, често преку хибридни механизми и искористување на правни празнини. Преку студијата на случаи беа објаснети последиците, вклучувајќи го намалувањето на даночните приходи, нарушувањето на конкурентноста и праведноста во распределбата на даночниот товар. Во рамки на дискусијата, беа предложени конкретни мерки за унапредување на системот, особено во однос на механизмите за идентификација и превенција на ваквите практики, а со тоа и заштита на буџетот и јавните финансии од потенцијални злоупотреби.

Презентер на панел – дискусијата на темата: „Даночна илузија: Маневри во сенката на законот“ покрај претставниците од Управата за јавни приходи, беше и професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ д-р Александра Максимовска Стојкова.

Во текот на тридневниот стручeн собир беа дискутирани актуелни и значајни теми поврзани со казнената политика, корпоративното управување и пензискиот систем во Република Северна Македонија. Покрај овие клучни прашања, учесниците имаа можност да се осврнат и на предизвиците во даночната регулатива, правните маневри во овој домен, како и механизмите за надомест на штета од сообраќајни незгоди со странски елемент.

Настанот овозможи плодна размена на идеи, перспективи и добри практики, поттикнувајќи дијалог меѓу експертите и институциите за унапредување на правната и економската рамка во земјата. Панелот заврши со заклучоци и препораки кои можат да придонесат кон развој на одржливи политики и системи, со цел подобро справување со предизвиците во овие важни области.