
„Фолксваген“ бара од Германија да воведе целни субвенции со цел да се забрза транзицијата кон електрични возила, изјави директорот за продажба на „Фолксваген“, Мартин Сандер.
„Ни требаат појасни сигнали и целни владини стимулации со цел да се надмине скептицизмот кај приватните купувачи и да се зголеми побарувачката во тој сегмент“, истакна Сандер.
„Поголемиот дел од регистрациите на нови електрични возила сега ги вршат компании кои добиваат посебни даночни олеснувања“, објасни директорот за време на говорот во северниот германски град Емден.
Во петокот, Фолксваген ја прослави испораката на милион и петстотини илјадитиот целосно електричен автомобил од серијата ID во фабриката во Емден, каде што се произведуваат само електрични возила.
Премиерот на сојузната покраина Долна Саксонија, Олаф Лиес, ја пофали фабриката, пренесува Хина, нарекувајќи ја вистински пример за транзицијата на автомобилскиот сектор.
Според податоците на Фолксваген, во првата половина од 2025 година, најголем дел од вкупниот број на електрични возила регистрирани во Германија бил токму моделот ID.7 Tourer, кој се произведува во Емден. Сепак, бавното усвојување на електричните возила продолжува да оптоварува германската автомобилска индустрија.
„Германските производители го „преспаа“ транзицијата кон електрични возила“, рече Франк Швопе, аналитичар на автомобилскиот сектор и предавач на Универзитетот за применети науки за мали и средни претпријатија во Берлин.
Помладите и посовремени купувачи на автомобили, особено во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, не се многу склони кон германските брендови, додаде Швопе.











