
Компанијата Фолксваген проценува дека трошоците за големата програма за реструктуирање, која вклучува намалување на бројот на вработени и можно затворање на фабриките, ќе изнесуваат околу 16 милијарди евра, пренесе Ројтерс.
Според извор запознаен со ситуацијата, германскиот производител на автомобили го започна најголемото реструктуирање во својата историја, соочувајќи се со зголемената конкуренција од кинеските производители на автомобили, високите царини и вишокот производствен капацитет.
Планот предвидува дополнително намалување на бројот на вработени за околу 50.000, додека се размислува за иднината на четири германски фабрики бидејќи може да останат без производствени модели во текот на следната деценија.
До 2030 година, „Фолксваген“ треба да издвои до 10 милијарди евра за укинувањето на околу 60.000 работни места. Овие пари, меѓу другото, ќе бидат наменети за програми за предвремено пензионирање и отпремнина. Компанијата не сакаше да коментира за проценката на вкупните трошоци за реструктуирањето.
Дополнителни шест милијарди евра би можеле да бидат издвоени за евентуално прекинување на производството на автомобили во четири германски фабрики. Нивната иднина сè уште се разгледува и конечната одлука за затворање сè уште не е донесена, па затоа вкупните трошоци би можеле да зависат од исходот на тие преговори и одлуките за идната намена на фабриката.











