Фолксваген: Приходите ни стагнираат поради послабата продажба

62

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген прелиминарно објави стагнација на приходите во првиот квартал поради послабата продажба, додека неговиот профит нагло се зголеми, поддржан од контролата на трошоците и фокусирањето на поскапите модели.
Добивката по оданочување скокна во првите три месеци од годинава на 6,7 милијарди евра од 3,4 милијарди во истиот период лани.

Без камати, даноци и трошоци од скандалот со фалсификувањето на податоците за емисиите на штетни гасови од дизел возилата, оперативната добивка порасна за 77 отсто на 8,5 милијарди евра.

Тие велат дека сè уште успешно се справуваат со недостигот на чипови

Иако групата испорача околу една петтина возила помалку и произведе речиси 12 отсто помалку автомобили поради кризата со снабдувањето, приходите останаа на истото ниво минатата година и изнесуваа 62,7 милијарди евра, пишува Index.hr.

Тие истакнаа дека сè уште успешно се справуваат со кризи како што се глобалниот недостиг на чипови, проблеми со синџирот на снабдување поради војната во Украина и повторените заклучувања во Кина. Сепак, нивните прогнози се сè уште претпазливи.

„Сè уште не е можно дефинитивно да се утврди како тековните случувања во конфликтот меѓу Русија и Украина и пандемијата Ковид-19 ќе влијаат врз бизнисот на групата, глобалната економија и растот во автомобилската индустрија“, нагласуваат од компанијата.

Фолксваген се соочува со „предизвици без преседан“, заклучи извршниот директор Херберт Дис.