
Менаџментот на германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ разгледува план за целосно замрзнување на платите за повеќето од своите 600.000 вработени низ целиот свет до 2030 година, како дел од новиот циклус мерки за намалување на трошоците и закрепнување.
Според интерните документи наменети за врвниот менаџмент на „Фолксваген“, повеќегодишната нулта стапка на раст на платите би вклучила и околу 130.000 работници во Германија опфатени со посебен колективен договор, кои привремено се откажаа од договореното зголемување на платите од 5,5 проценти во 2024 година, објави „Зидојче цајтунг“.
Економските експерти предупредуваат дека замрзнувањето на платите, заедно со очекуваната просечна инфлација од околу три проценти годишно, би довело до пад на реалните приходи на вработените во Германија за најмалку 10 проценти во наредниот период.
Претставниците на „Фолксваген“ одбија официјално да коментираат за овие обвинувања, нагласувајќи само дека процесот на преговори е во тек и дека претстојната рунда разговори со синдикатите е вистинското место за внатрешни договори, објавува „Шпигел“.
Германскиот производител на автомобили е под голем финансиски притисок поради американските царини, послабите деловни резултати на неговите компании „Ауди“ и „Порше“, драстичниот пад на продажбата на клучниот кинески пазар, како и исклучително високите трошоци за премин кон производство на електрични возила.











