Фолксваген забележа пад на добивката од 20 отсто во првиот квартал

13

Водечкиот европски производител на автомобили Фолксваген во вторникот ги повтори прогнозите за приходите и маржата за 2024 година и покрај падот на оперативната добивка од 20 отсто во првиот квартал поради помалата продажба и повисоките трошоци.

„Како што се очекуваше, нашите резултати од првиот квартал покажуваат бавен почеток на годината“, рече шефот за финансии Арно Антлиц, додавајќи дека зголемувањето на нарачките во март ќе има позитивно влијание врз резултатите во следните три месеци.

„Очекуваме дополнителен моментум во текот на годината поради лансирањето на повеќе од 30 нови модели во сите марки“, додаде Антлиц.

Ројтерс го издвојува луксузниот бренд Порше, кој објави пад на оперативната маржа од 14,8 отсто поради повисоките инвестиции во обновување на моделите и помалата побарувачка за премиум автомобили во Кина.

Заработката на компанијата беше попречена и од доцнењето на испораките на нејзиниот луксузен бренд Audi.

Volkswagen, исто така, нагласи дека нарачките за целосно електрични возила се зголемени повеќе од двојно во првиот квартал во споредба со истиот период минатата година.

Делумно поради ова, посочија, очекуваат зголемување на приходите од продажба за 2024 година на пет отсто и оперативна профитна маржа за целата година меѓу седум и 7,5 отсто.