Форбс вклучи црногорски остров меѓу новите необични светски дестинации

151

Островот Мамула,  во Црна Гора бутик хотел и спа со пет ѕвезди, кој официјално ги отвора вратите во пролетта 2023 година, лоциран на влезот во светски познатиот залив Котор во Црна Гора, се најде на листата на влијателниот американски магазин Форбс, во друштво на 21 нова дестинација низ светот кои овој медиум ги издвојува за следната година.

Форбс во статија со наслов „Добредојдовте во нови хотели! Списокот од 21 нова дестинација за следната година го претстави својот ексклузивен избор на извонредни нови хотели лоцирани низ Европа, Азија, Африка, Јужна и Северна Америка, меѓу кои и островот Мамула, кој се наоѓа на влезот во заливот Бока Котор.

Островот Мамула се наоѓа во тврдина од 19 век, која е претворена во луксузен хотел со 32 соби и апартмани.

До островот се стигнува со брод од блискиот брег, а како што пишува во текстот, хотелот има „особено карактеристичен амбиент кој релаксира, смирува и го слави животот“.

Островот Мамула е на самиот врв на листата на Форбс за необични нови хотели, откако вниманието на магазинот Форбс го привлекоа и францускиот хотел Maison Delano Paris и португалскиот Solar Branco Eco Estate Sao Miguel Azores, како и словенечкиот бутик хотел Милка во Крањска Гора.

Генералниот директор на островот Мамула, Хенинг Шауб изјави дека признанието на магазинот Форбс е „награда за сите нас“ и рече дека целиот тим со нетрпение го очекува отворањето на хотелот напролет, пишува агенцијата Мина.

Изборот на најдобрите нови дестинации за наредната година вклучува и ексклузивни европски хотели во Париз, Милано, Амстердам, Истанбул, Крит, Азорите, словенечките Алпи и Швајцарија, како и егзотични дестинации во Мароко, Сингапур, Индонезија, Тајланд, Јужна Африка, Бразил, на Карибите и во Соединетите Американски Држави.