Mach-E Rally е првиот сериски Mustang дизајниран да се справи со земјени патишта, инспириран од наследството на Ford во WRC шампионатот
Ford го претстави Mustang Mach-E Rally, специјално издание на електричниот SUV со естетика инспирирана од рели шампионатите и неколку надградби на шасијата, овозможувајќи уживање на патиштата, но и надвор од нив. Возбудливата вест е дека ова не е само концепт или скап рели автомобил, туку станува збор за легален производствен модел кој ќе биде достапен за купувачите во 2024 година.
Mustang Mach-E Rally првично беше најавен на Фестивалот на брзината во Гудвуд во јули, но прототипот беше скриен под маскирна обвивка. Но, електричниот автомобил беше целосно откриен на IAA Mobility 2023 во Минхен, истакнувајќи го неговиот спортски и авантуристички став.
Визуелно, новиот додаток на семејството Mach E се одликува со ревидираната предница со светла за магла сместени во покриената решетка, нов преден сплитер, куки за извлекување, црно обоен челичен покрив и големо задно крило. Покрај Grabber Yellow, палетата на бои ги вклучува Grabber Blue, Shadow Black, Eruption Green, Star White и Glacier Gray нијанси, секогаш комбинирани со стандардните тркачки ленти на хаубата и задниот дел.
Унапреден систем за потпирање
Највпечатлив дел од визуелните надградби е новиот сет од 19-инчни алуминиумски тркала обработени во сјајна бела боја. Освен што изгледаат прекрасно, бандажите инспирирани од релито се обложени со посилна гума Michelin CrossClimate2 за сите сезони, што нуди подобро триење на погруби терени. Понатаму, системот за потпирање е за 20 милиметри повисок во споредба со Mach-E GT, и доаѓа со специјално наместени пружини и MagneRide амортизери. Електричниот Mustang Mach-E Rally e дизајниран за чакал и земјени патишта, така што инженерите на Ford додадоа заштита за двојните електрични мотори. Има и заштитна фолија што ја покрива пластиката на вратите и лаковите на тркалата, со штитници за кал достапни како опција.
Електричниот погон исто така се добива од Mach-E GT, но дополнително е подесен. Ford не ги откри бројките за перформансите, но рече дека двојните електрични мотори ќе произведуваат „најмалку“ 487 КС и 880 Nm вртежен момент. Автомобилот исто така ќе има корист од новиот режим на возење RallySport кој е дизајниран да овозможи „поголеми лизгања“ во теренски средини, нудејќи „линеарен одговор на гас“ и „поагресивно амортизирање“. Сопирачките се состојат од предни дискови од 385 мм со црвени шапи на Brembo.
Богат ентериер
Моќта ќе се добива од истата литиум-јонска батерија со капацитет од 91 kWh, но официјално хомологираните бројки на опсегот ќе бидат објавени поблиску до лансирањето на пазарот. Сепак, Mach-E Rally најверојатно ќе биде малку помалку ефикасно од Mach-E GT кој може да се пофали со електричен опсег од 402 километри.
Новата верзија на Mach-E е инспирирана од славните денови на Ford во Светскиот рели шампионат (WRC), но тоа не значи дека дизајнерите штеделе во ентериерот со оглед на тоа дека ги носи сите погодности кои се наоѓаат кај стандардниот модел. Посебните акценти во кабината вклучуваат пар перформансни седишта со ознаки Mach-E Rally, контрастни шевови и сјајни бели акценти на контролната табла, панелите на вратите и управувачот што одговараат на новите тркала.
Конечната цена ќе биде објавена пред почетокот на производството. „Синиот овал“ планира да ги отвори книгите за нарачки на почетокот на 2024 година, а првите испораки се очекуваат наскоро потоа.
Преземено од Avtoplus.mk