Ford развива парфем со мирис на бензин

307

Автомобилскиот бренд Ford развива парфем со мирис на бензин. Според нивната анализа, секој петти возач на автомобил смета дека откако ќе престанат да возат автомобили на бензин и ќе се префрлат на електричен погон, најмногу ќе им недостасува мирисот на бензин. Скоро 70% од испитаниците рекле дека мирисот на бензинот во одредена мера ќе им недостасува. Испитаниците сметаат дури и дека мирисот на бензин е попријатен од вино или сирење и го рангираат на ниво како што би им било пријатно да помирисаат нова книга.

Од таа причина, експерти во Ford го креирале мирисот Splash and Dash, кој има арома на возило со погон на фосилни горива. Освен бензин, во парфемот има “нота на чад, остатоци од гуми“ и слично.

Експертите за мириси при изработка на овој парфем ги анализирале хемикалиите што може да се најдат во ентериерот на возилата, во нивниот мотор и ги поврзале со класичните состојки на парфеми, како што се ѓумбир, лаванда и слично.

Парфемот, сепак, нема да биде пуштен во слободна продажба, туку ќе му помогне на Ford во мисијата за “разбивање митови за електричните автомобили и да ги увери традиционалните возачи  во потенцијалите на електричните возила“.

Фото: Ford