Формиран Форумот на синдикати на железничките работници од ЈИЕ

72

Во Скопје денес беше формиран Форумот на синдикати на железничките работници од Југоисточна Европа, во кој членуваат синдикалците од Македонија, Романија, Бугарија, Словенија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

“Форумот на синдикати на ЈИЕ ќе го промовира социјалниот дијалог и соработката во железничкиот сектор на земјите здружени во форумот, ќе ги идентификува потенцијалните области на меѓусебна соработка, ќе ја промовира солидарноста меѓу синдикатите, ќе промовира пристојноста на работните места на железничките работници, ќе се бори против социјалниот дампинг, ќе се овозможи размена на искуства и комуникација и ќе направи синергија на потенцијалите за исполнување на заедничките договорени активности на синдикатите”, изјави Љубе Стојковски, претседател на Синдикатот за транспорт и врски при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Ролф Луцке, извршениот директор на Европската академија за одржлив транспорт објасни дека на Форумот на Синдикати во Европа, воспоставен во 2008 година, се дискутирало за тоа што се случува со железничкиот сообраќај во земјите на ЈИЕ.

“Земјите од поранешните југословенски простори имаат слаби разивени транспортни патишта и тоа секако, влијае на развојот на индустријата. Преку Форумот се обидуваме да влијаеме на оваа состојба во насока на подобрување на инфраструктурата, што ќе подразбира и подобри услуги и подобра перспектива на регионот”, објасни Луцке.

Според Екатерина Јорданова, потпретседател на Европската федерација на транспортни работници (ЕТФ), како што се здружуваат компаниите и државите, така е неопходно да се здружуваат синдикатите во насока на подобра заштита на интересите на работниците.

“Ние се здружуваме за да изградиме единствена позиција и да ги браниме заедничките интереси на работниците од транспортот, кои се исти за сите во различните држави. Треба да се грижиме за граѓаните, за работниците, за здрави компании кои ќе ни овозможат достоен и квалитетен живот”, вели Јорданова.

Формирањето на Форумот во Скопје е реализација на тригодишната идеја за здружување на синдикалците од железничкиот сектор, која првично била договорена на состанокот во Дубровник, Хрватска во 2010 година.