Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (Center for entrepreneurship and executive development – CEED) ЦЕЕД Македонија, повторно го отвори ЦЕЕД Хаб Скопје на нова локација, на Машинскиот факултет во Скопје.
“Досега над 50 потенцијални претприемачи имаа бенефит од пред – акцелераторската и акцелераторската програма на ЦЕЕД Хаб Скопје, од кои 11 веќе добија инвестиции од проектот во износ од 66.000 долари за да ги стартуваат своите компании. Со тоа што се наоѓаме таму каде што се студентите, сигурен сум, тоа ќе охрабри повеќе млади луѓе да дојдат во ЦЕЕД Хаб Скопје и да научат за новите можности што им се нудат. Студентите можат да ги градат своите теоретски знаења со бизнис вештини, да ги претворат од иновативни идеи создадени во училницата до нас, во производи и услуги што може да се појават на пазарот преку стартапи што тука се развиваат“, изјави Дејвид Атербери, претставник на УСАИД во Македонија.
Амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Сибил Сутер изјави: “Претприемачите понекогаш мислат дека единствено нешто што им недостасува за да ги реализираат своите планови се парите. Но, во реалноста, менторството и обука од експерти за развој на бизнисот е подеднакво или многу поважно. ЦЕЕД Хаб Скопје нуди менторство и пристап до финансии, што се покажа како многу ефикасно“.
Во своето излагање, вицепремиерот Кочо Анѓушев му се заблагодари на УСАИД за својата посветена работа во Македонија во изминатите 25 години.
“98% од компаниите во Македонија се мали и средни. Затоа, оваа година владата ги зголеми средствата за Програмата за економски развој за 46% во три столба, од кои едниот е за поддршка на мали и средни компании и млади луѓе кои сакаат да станат претприемачи и да останат во земјата“.
Настанот заврши со мала изложба на којашто беа изложени производи од учесници во проектот.
ЦЕЕД Хаб Скопје, којшто е основан во февруари 2016 година, досега понуди услуги на над 600 лица и беа организирани преку 150 едукативни и социјални настани.