Фотосторија: Отворање на новиот објект на Енерго Систем

633

5

“Изминаа точно 23 години од далечната 93-та, период исполнет со посветена, детерминирана и макотрпна работа, напорна, но исполнувачка, заради која денес можеме со гордост да ја прославиме 23 годишнината од основањето на Енерго Систем. Идентификувајќи ја потребата за формирање на компанија во дејноста термоенергетика, Енерго Систем тогаш отпочна со проекти за адаптација на дваесетина индустриски корисници на природен гас, поврзани со изградбата на гасоводниот систем во Македонија, проектот Гама 800 што се реализираше во период 1992 – 1997 година. Од тогаш па наваму, Енерго Систем постојано отвора нови фронтови за натамошно уште поорганизирано дејствување во доследното применување на начелата на економскиот и општествениот живот, создавајќи услови за работно ангажирање на вредни, исполнителни и обучени лица”, изјави косопственикот Оливер Костовски на свеченото отворање на новиот објект на компанијата Енерго Систем што се случи во септември.

6
Оливер Костовски

Отворањето на новиот објект во индустриската зона Југ, Скопје, се совпадна со 23 годишнината од основањето на компанијата. Според косопственикот Зоран Кондатенко, патеката по која се движеле во овие 23 години не била ниту рамна, ниту околностите им биле секогаш наклонети, ниту пак имало секогаш некој да им го покаже патот.

7
Зоран Кондатенко

“Но ние чекоревме без застанување, а чекореа и сите останати со нас и околу нас – токму поради нас. Поради нашата моќ да ги надминуваме препреките, да им се радуваме на предизвиците, поради нашата нескротлива љубов кон професијата, кон потрошувачите, кон успехот и постигнувањата”, вели Кондатенко.

9

Новиот објект е скоро 3,5 пати поголем од стариот, се наоѓа на одлична локација, близу до центарот на градот и ја има комплетната инфраструктура за една индустриска зона. Што се однесува на комерцијалниот дел, во објектот има изложбен салон и функционална котлара, каде што можат да се видат како функционираат во пракса повеќе системи за греење и ладење. Котларата, освен за потреби на компанијата, ќе се користи и како тренинг центар за обука на инсталатери, сервисери…

kotlara

Двата главни сегмента што се носечки столбови на Енергосистем се трговија со опрема за греење и ладење и инженеринг, којшто се занимава со проектирање и изведување на објекти во индустријата. Трговијата се занимава главно со големопродажба и дистрибуција на разновидна опрема за греење и ладење и во поново време со водовод.

2

Во последните две-три години, бројот на вработени во оваа македонска компанија е двојно зголемен. Освен канцеларијата во Скопје, Енерго Систем има канцеларија и во Битола, а успешно работи и на српскиот пазар. По првата канцеларија во Белград, веќе е отворена експозитура во Краљево – Крагуевац и нов оддел во Нови Сад.

3

“Засега сме фокусирани на пазарот пред сè во Македонија и Србија и проширување на програмите. Во делот на водоводната програма, покрај цевки за инсталација на водовод и одвод, планираме полека да навлегуваме со чешми, славини и друга санитарија. За да се одржува некаков раст, мора да се проширува програмата. Што се однесува до инженерингот, тоа е борба на дневно ниво. Моментално имаме два актуелни проекта на кои работиме, тоа се Гентерм во Прилеп и ODW – Elektrik во Струга. Претходно успешно го завршивме комплетното машинство во новата болница Филип Втори, од идејно решение на проектот до инсталирање на комплетната опрема и го работевме ПЕТ центарот, таму бевме како подизведувачи”, вели Костовски.

1

Енерго Систем е застапник на Mitsubishi Electric, еден од најреномираните производители во областа на климатизацијата и на нивните топлински пумпи.

toplinska pumpa

“Како енергенси, актуелни се дрвата како најевтини и пелетите, а во последно време сè поатрактивни се топлинските пумпи. Кај топлинските пумпи стартната инвестиција е повисока, меѓутоа во текот на експлоатацијата, таа инвестиција има висок процент на брз поврат”, објаснува Костовски.

8

Компанијата гледа на секаков можен начин да им излезе во пресрет и на добавувачите и на купувачите. Затоа во своето работење воведе една интересна манифестација, наречена Отворени денови на Енерго Систем, на која главните добавувачи ги изложуваат своите опрема и програми во дворот на компанијата и ги презентираат директно на своите потрошувачи – клиенти. Освен формално, на овие Отворени денови има и неформално дружење, наградни игри, скара…

11

“Првите Отворени денови беа во стариот објект, пред две години. Минатата година бевме во период на селење и ги прескокнавме, а годинава имавме одличен ефект. Манифестацијата им дава можност на клиентите директно да разговараат со добавувачите, да дискутираат за секаков вид технички прашања, комуникацијата е директна и отворена. Манифестацијата е целосно посветена на тие што треба”, додава Костовски.

4