Франција ги заострува контролите врз увозот на храна: На пазарот влегуваат само производи без забранети супстанции

Француската влада  објави дека ги заострува контролите врз неколку увезени прехранбени производи, во обид да ги ублажи загриженостите на земјоделците кои протестираат против, како што велат, нелојална конкуренција од земји со помалку строги регулативи.

Француските земјоделци протестираат поради планираниот европски трговски договор со јужноамериканскиот блок Меркосур, како и други прашања, вклучително и мерки за спречување на болестите кај добитокот, објави Ројтерс.

Француската министерка за земјоделство, Ан Женавард, изјави дека построгите контроли ќе обезбедат храната што доаѓа надвор од Европската Унија да не содржи супстанции забранети во храната произведена во рамките на блокот.

Таа додаде дека наскоро ќе биде донесен декрет со кој ќе се објави прекин на увозот на одредени прехранбени производи за кои веќе е познато дека ги содржат овие супстанции.

„Увозот, без оглед од каде доаѓа во светот, мора да биде во согласност со нашите стандарди. Франција дава пример во Европа со усвојувањето на оваа регулатива што се однесува на повеќе од 10 прехранбени производи“, напиша Женавард на платформата X.

Таа изјави дека дињите, јаболката, кајсиите, црешите, јагодите, грозјето и компирите ќе се продаваат во Франција само ако не покажуваат никакви траги од супстанции забранети во Франција.