Франција и Италија ќе градат железнички тунел под Алпите

54

Претседателот на Франција Франсоа Оланд и премиерот на Италија, Марио Монти, постигнаа договор за изградба на контроверзен железнички тунел меѓу двете земји. Брзата пруга со должина од 57 километри која ќе минува низ Алпите, ќе ги поврзува Лион во Франција и Торино во Италија, а нејзината изградба ќе чини 26 милијарди евра, пренесува АФП.

Само ископувањето ќе чини 8,5 милијарди евра. Франција и Италија бараат 40% од трошоците да бидат покриени од европските фондови.

Железничката линија ќе го намали времето на патување меѓу Париз и Милано од седум на четири часа.

Италија е втор по големина пазар за француските стоки, а постоечкиот тунел меѓу двете земји е изграден во 19 век. Тој е неефикасен, затоа што се наоѓа на надморска височина од 1.300 метри, што бара многу сила за да се извлече тежок товар нагоре.

Проектот треба да биде завршен до 2028 година. Неговите поддржувачи тврдат дека со изградбата на овој тунел ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид поради тоа што сообраќајот од патиштата ќе се префрли на пругата.

Планот за изградба на тунелот наиде на жестоко противење на организациите за заштита на животната средина.