Франција сака да воведе 160% повисок данок на пивото

20

Франција планира да воведе високи даноци на пивото, што предизвика негодување кај домашните и странските пивари.

Претседателот Франсоа Оланд сака парламентот да усвои закон со кој данокот за пиво би се зголемил за 160%, за да може со тие пари да се финансираат одредени социјални програми. Зголемувањето на данокот би ги погодил домашните пивари, но и околу 30% странско увозно пиво. Портпаролот на федерацијата француски пивари, Жаклин Ларивен, извести дека таквото зголемување на данокот би ја покачило цената на пивото во кафеаните и малопродажбата за околу 20%.

Групацијата на пивари во Европа го осуди овој потег на францускиот претседател како “удар по заби”. Европските пивари од почетокот на кризата во 2008 година бележат пад на производството од 6% и пад на потрошувачката од 8%. Освен во Франција, со оваа одлука најпогодени би биле пиварите во Германија и Белгија, вклучувајќи ги и малите претприемачи.

“Ова е еден многу кратковид пристап со кој се казнува цел сектор”, вели Пјер Оливие Бержерон, шеф на групацијата.

Претседателот Оланд се надева дека на ово начин ќе собере 480 милиони евра кои планира да ги искористи за покривање на здравствено осигурување и нега на постари лица.